Активности кои го поттикнуваат развојот кај две годишните деца

Активности кои го поттикнуваат развојот кај две годишните деца

Раниот развој е многу важен како детето расте и ги развива своите вештини. Со помош на следните забавни активности може да се стимулираат сегментите на моторниот, когнитивниот и говорно-јазичниот развој.

 

💡Едноставните игри се и најзабавни. На детето може да му криете некоја играчка на очигледно место и потоа заедно да ја барајте играчката. Со оваа игра се вежба трпение, ориентација, активно слушање, детето се развива и когнитивно (ако нешто не го гледаме, тоа не значи дека не постои).

💡Дајте му на детето додека се бања, сунѓерчиња во различна големина, со нив нека ги избања своите играчки. Со оваа игра се стимулира развојот на мускулите на дланката и прстите, но се гради и самодовербата со тоа што детето има важна „задача“ да ги избања своите играчки.

💡Направете кула од коцки во иста боја, но на врвот ставете коцка во друга боја (детето треба да ве гледа), потоа кажете му на детето да ја најде коцката која не припаѓа на таа кула. Кога ќе ја најдете коцката која не припаѓа на таа кула ја тргате и ја ставате кај коцките кои се иста боја со неа. Оваа игра подоцна може да се игра и со овошје и зеленчук, како детето созрева вметнете и домашни и диви животни.

💡Земете топчиња во различна боја, поставете чашки во иста боја со топчињата пред детето. Покажете му што треба да прави со топчињата, треба да ги класифицира по боја (жолто топче да стави во жолта чаша, сино топче да стави во сина чаша). За почеток дадете му на детето само две бои сина и жолта, кога ќе совлада да ги класифицира можете да му дадете и црвени и зелени топчиња. Со оваа активност детето ќе научи да класифицира по боја, ќе се вежба неговото внимание и сл.

💡Кога надвор е врнежлив ден, а детето е полно со енергија, можете да направите полигон со препреки. Можете да користите перници (пример, скок од перница до перница), столици (провлекување под нив), наредете коцки кои детето ќе ги бутка со топка и сл.