Дали слободната игра е важна за децата?

Дали слободната игра е важна за децата?

Играта е алатка со помош на која детето учи, низ играта тоа истражува, прави грешки, но и неверојатни успеси. Може понекогаш да помислиме дека она што детето го прави е само игра и дека со тоа ништо не постигнува, ако детето само ја види играта. Но тој начин на игра е исто толку важен како и насочената игра кој се одвива низ најразлични активности.

Видот на игра кога детето самостојно си ја бира играта се нарекува слободна игра. Овој вид на игра може да се објасни и како неорганизирано време кое детето го поминува истражувајќи и играјќи си според неговите интереси и правила во одреден момент (секако треба да се внимава на безбедноста не детето).

Зошто ваквиот начин на игра е потребен за правилен развој на децата?

Слободната игра му овозможува на детето да истражува и само да донесува одлука што му е интересно а што не, но е да ја согледа последицата од тоа што ќе го прави. Пример, доколку детето прв пат гледа играчка автомобил, може да го привлече бојата на автомобилот, но детето не ја знае намената на автомобилот. Ќе ја земе играчката и ќе ја истражува, ќе ги забележи гумите кои се вртат и тогаш може да побара помош од родителот, но може и да продолжи само да го открива светот околу себе.

На овој начин детето самостојно низ игра ги развива когнитивните функции како што се анализа и синтеза, но и го решава проблемот ( односно дознава како таа играчка функционира).

Можеме да заклучиме дека слободната игра:

💡Влијае врз когнитивниот развој.

💡Ја пробудува креативноста кај детето.

💡Влијае на развојот на социјализацијата.

💡Ја развива самодовербата кај детето и препознавањето на тоа што му е интересно, а што не.

💡Му овозможува на детето сигурност бидејќи нема точно или неточно во таа игра, туку детето само доаѓа до решение или доаѓа до сознание дека треба пак да се обиде ако не успеало првиот пат.

Пример за слободна игра со вашето дете. Земете неколку едукативни активности, ставете ги на подот и седнете со детето. Оставете го детето да ја води играта, вие само следете го детето. На овој начин се воспоставува емотивна врска помеѓу родителот и детето, се гради довербата и доколку детето не е расположено тој ден со овој вид на игра може да се извлече максимумот.