Како децата создаваат претстава за себе во просторот

Како децата создаваат претстава за себе во просторот

Доживувањето на телесната шема е комплексен процес, кој започнува уште во пренаталниот период. По раѓањето детето преку своите сетилни органи, почнува да прима надворешни дразби, а потоа и да реагира на истите. На тој начин кај детето се поттикнува развојот на неговите моторни способности.

На пример, преку видот, тоа може да ја види омилената играчка, а со тоа на мозокот му се дава наредба дека е потребно да се придвижи раката за да ја земе играчката. На тој начин детето го координира визуелниот стимул, со моторното планирање. Со текот на времето, детето сознава дека раката му служи да дофати нешто, дека со нозете се движи, дека движењата кои ги прави се координирани и така се адаптира на средината преку движења, сензорно-моторните искуства, играта, социјалната интеракција, емоционалната реакција, исто создава слика за себе за своето тело, за постоењето на неговото тело во просторот, за односите во тој простор, развива и латерализација. Ова е важен дел од развојот на телесната шема, затоа што преку неа се развива  способноста кај  детето успешно да се снаоѓа и движи во средината.

Можеме да процениме дали детето има проблеми во создавањето претстава за себе во просторот доколку тоа:

  1. Не познава и не покажува ниту еден дел од телото, за дете кое има повеќе од 1 ипол година.
  2. Не се врти на неговото име, за дете над 2 годишна возраст.
  3. Има недоволно развина фина и крупна моторика, за дете над 2 ипол годишна возраст.
  4. Не може да разликува момче од девојче, за дете од над 3 годишна возраст.
  5. Ако неговото движење е некоординирано, ако оди трапаво, споро или брзо, рацете не ги следат движењата на нозете, за дете над 3 годишна возраст.
  6. Ако детето не сака да се движи, не сака да игра со други деца и движењата му се ограничени, за деца над 3 годишна возраст.
  7. Ако на детето често му паѓаат предметите од рацете, истура, за дете над 4 годишна возраст.
  8. Ако не знае која е функцијата на одреден дел од телото, на пример со очите гледаме, за деца над 4 годишна возраст.
  9. Ако не ги познава предлозите над, под, назад, напред, меѓу, далеку, блиску, горе, долу, за деца над 4 годишна возраст.
  10. Ако не знае која му е лева а која десна страна, не може да покаже десно и лево на другите, за деца од над 6 годишна возраст.
  11. Ако не знае кои се негови внатрешни органи и за што се потребни тие, за деца над 8 годишна возраст.

Причините за слабо развиена претстава за себе може да бидат когнитивнаите способности кај детето, нарушеното внимание, хиперактивност, хипоактивност, слаба концентрација, слабо развиени логички способности и незрел емоционален развој.

Доколку не се процени способноста на детето да создаде слика за себе и не се стимулира, му претстојат некои потешкотии, како што се: слаба перцепција за предметите и појавите во просторот, слаба ориентација во прострот, потешкотии при облекување, јадење, движење, изведување на координирани вежби, потешкотии во академските вештини, проблеми во читањето, пишувањето, сметањето, цртањето, слаба социјализација, намалено секојдневно функционирање, сиромашна игра итн.

Доколку детето има потешкотии во создавањето на слика за себе, тогаш најдобро е да се процени нивото на оваа способност и кои се наредните чекори кои треба да се направат за да се стимулира детето.