Кои игри може да ги играте во парк со вашето дете

Кои игри може да ги играте во парк со вашето дете

 

Игрите на отворено влијаат врз правилниот раст и развој на децата. Тие го поттикнуваат  развојот на грубата моторика и координацијата, а на децата им даваат време за слободна игра и развој на социјалните вештини.

Играта надвор на отворено им дава на децата можност да градат вештини кои не може на ист или сличен начин да се развиваат доколку детето си игра дома. На игралиште или во парк децата имаат можност да развиваат социјални вештини: запознавање, доближување до другите деца, делење на играчките, заедничка игра и комуникација со врсниците што е посебно важно за децата кои не одат во градинка.

Предлог на игри кои можете да ги играте со вашето дете кога ќе појдете во парк:

  1. Нишање на нишалки- освен тоа што нишањето е забавно тоа влијае на развојот и ги јакне постуралните мускули (мускули задолжени за држење на телото) и на развојот на балансот (рамнотежата).
  2. Следи ја линијата-  децата сакаат предизвици затоа може да им предложите да одат  следејќи одредена линија, со ова се развива балансот и координацијата, но и самодовербата.
  3. Броеви – броевите може да се вклучат во играта и така спонтано без притисок да се развиваат почетните математички поими, односно поимот за број. Пример, качи се на три скалила, бројте додека детето се ниша на нишалката и сл.
  4. Скокање –  паркот е идеално место за развој на вештината за скокање. Поставете препрека која детето треба да ја прескокне, скокај те и во некоја баричка со вода доколку наидете на неа.
  5. Игра со топка – фрлањето, погодувањето на некоја целсо топката  и шутирањето со топка има за цел развој на грубата моторика.
  6. Претстави се – запознавањето со нови деца може да биде предизвик за некои деца, а паркот е добро место за да се развива оваа вештина. Охрабрете го детето и покажете му како да се запознае со другите деца.
  7. Измислете своја игра – оставете го детето да глуми и да се преправа, тоа нека ве води низ играта. Пример, нишалката нека биде авион, клупата брод и сл. можностите се многубројни потребна е само имагинација.