Активности кои ќе го поттикнат развојот на грубата и фината моторика кај децата

Активности кои ќе го поттикнат развојот на грубата и фината моторика кај децата

За успешен развој кај децата од голема важност е развојот на нивните моторни вештини односно на грубата и фината моторика.

Грубата моторика ги опфаќа движењата на целото тело. Кај децата најпрво се јавува лазењето, па одењето и потоа скокањето. Грубата моторика е основа за развој на фината моторика, таа е условена со развој на мозокот и мускулатурата. Дете кое има добро развиена груба моторика ќе може полесно да ги совлада активностите кои ја вклучуваат фината моторика како што се врзувањето врвки, пишувањето и други активности во кои се вклучени прстите.

Финта моторика претставува низа на координирани движења на прстите, зглобовите и мускулите на дланката (посебно на прстите), за изведување на мали прецизни движења. Фината моторика е тесно поврзана и со око-рака координацијата.

Фината моторика е важна за изведување на секојдневните активности кои ние возрасните ги изведуваме со леснотија, но кај децата од раѓање до предучилишна возраст се вежбаат низ забавни активности.

Развој на грубата и фината моторика на детето е од голема важност бидејќи е основа за развој на интелектуалните и емоционалните способности. Како детето расте така грубата и фината моторика се развиваат напоредно.

Колку повеќе детето ги користи прстите, напоредно се остварува и неговиот говорен, интелектуален и емоционален развој. Врз основа на тоа, развојот на фината моторика е директно поврзан со развојот на говорот, на тој начин се активира мисловниот процес и детето учествува во исполнување на креативни активности. Детето кое има слабо развиена фина моторика може да има потешкотии во говорот.

Активности кои ќе го поттикнат развојот на грубата моторика се:

  • Скокање од една точка до друга колку што може повеќе;
  • Фрлање на топка во воздух која потоа детето треба да ја фати со двете раце без да му падне;
  • Вртење на хулахоп;
  • Прескокнување на хулахоп;
  • Скокање и стоење на една нога.

Активности кои ќе го поттикнат развојот на фината моторика се:

  • Подавање со топка;
  • Нижење на перли на конец;
  • Нижење на макарони на конец;
  • Редење на коцки;
  • Редење на сложувалки;
  • Закопчување и откопчување на копчиња;
  • Боење;
  • Работа со пластелин;
  • Собирање на ситни предмети.