Редењето на сложувалки и развојот на децата

Редењето на сложувалки и развојот на децата

Сложувалките претставуваат добра играчка од повеќе причини и може да се користат од најрана возраст.

Сложувалките влијаат на повеќе сегменти од развојот на децата:

 

💡Развој на око-рака координација

Кога детето ја реди сложувалката тоа ги врти, ги вади и ги става нејзините делови и на тој начин ја вежба око-рака координацијата. За да се пронајде соодветното место на секој дел од сложувалката потребно е со погледот да се следи движењето на раката. Прво ја гледа сложувалката потоа го пронаоѓа соодветното место на одреден дел од сложувалката, и ја придвижува раката за да го стави тој дел.

 

💡Развој на фината моторика

Преку манипулација со ситните делови од сложувалките се развиваат мускулите на дланката и на прстите. Со сложувалките кои имаа ситни делови се развива фината моторика кај детето и подоцна и графомоториката.

 

💡Развој на мислењето – решавање на проблеми

Развојот на мислењето односно вештината за решавање на проблеми е многу важна за раниот развој на детето. Детето ја гледа сложувалката и размислува како и каде треба да го постави одредениот дел од сложувалката. Детето се обидува но понекогаш и греши, на тој начин може да заклучи што е точно, а што не е.

 

💡Развој на визуелната дискриминација – препознавање на облици и форми

За децата на помала возраст важно за нивниот развој е препознавањето и класифицирањето на облици. Препознавањето на облици и форми е дел од учењето на почетните математички поими, и на тој начин се развива визуелната дискриминација. Сложувалките се добар начин низ игра да се стимулира овој сегмент од развојот.

 

💡Развој на памтењето и вниманието

Едноставните сложувалки може да помогнат во стимулација на вниманието и памтењето. Детето мора да погледне и да го следи со поглед делот од сложувалката кој го земало за да пронајде каде треба да стави, кога ќе открие каде му е местото на тој облик го запаметува неговото место за да може следниот пат кога ќе ја реди сложувалката да ја нареди што побрзо.

 

💡Развој на социјалната игра

Преку работа со сложувалките се стимулира и социјалната интеракција кај детето. Детето кога реди сложувалка во пар со друго дете или со родителот тоа ја развива социјалната игра и комуникацијата при заедничкото редење сложувалката. И можеби и најважно кога ќе ја наредат сложувалката ќе ја поделат радоста меѓу себе.

 

💡Развој на говорот

Битен сегмент е тоа што додека се редат сложувалките на детето треба да му се зборува, така што со тоа ќе се развива говорот кај детето, подоцна ќе се збогати и речникот на детето. Кога се редат сложувалки се именуваат сликите на секој дел од сложувалката, се користи и показен гест за да му се покаже на детето што е тоа на сликата на одреден дел од сложувалката.