Што Ве советува логопед за правилен развој кај децата до втората година?

Што Ве советува логопед за правилен развој кај децата до втората година?

Во периодот помеѓу првата и втората година кај детето се случуваат големи промени во развојот. Детето околу првата година почнува да оди и да се запознава со околината околу себе. Тоа станува посвесно за себе и за луѓето кои го опкружуваат. Фондот на нови зборови кај детето се зголемува, а некаде околу втората година почнува да ги користи и своите први реченици изградени од два збора.На оваа возраст децата стануваат активни учесници во сите случувања.

Кои играчки се препорачуваат?

На оваа возраст играчките треба да бидат што поедноставни, а во фокусот да се стави начинот на кој ќе се изведува играта. Играчките кои премногу го окупираат вниманието на детето (тоа се оние што светат, свираат,мрдаат..) не се од големо значење за неговиот равој.  Советуваме да играте игри на „криење и барање“ каде Вие може да сокриете најразлични предмети или животни и да барате од детето да ги пронајде. Може да играте и „игра со улоги“, каде се преправате дека заедно со детето пиете чај, дека го храните бебето или дека заедно купувате нешто. Сложувајте едноставни сложувалки. Читајте приказни.

Како да комуницирате со дете на оваа возраст?

Во овој период најважно е да го учите детето на двонасочна комуникација. Важно е од детето да барате да ви каже што сака со зборови, а не само со мимики и гестови. На дете од оваа возраст треба да му се обраќате со кратки реченици од 2-3 збора. Говорот треба да биде јасен и гласен и да биде упатен директно кон детето. Неопходно е родителот да ги именува сите предмети, и да му ги објаснува на детето сите активности. Бидејќи детето обрнува внимание на звуци добро е доколку секој звук е пропратен со вербална стимулација (пр.:„Колата вози-брм, брм“, „Саатот прави тик так.“). Секогаш кога детето ќе успее да каже ново зборче или ономатопеа треба да се пофали и охрабри.

Запамтете дека стимулацијата на говорот понекогаш може да биде тешка и напорна, но моќта на говорот е најголемата алатка која човекот ја поседува.