Телесна шема кај децата

Телесна шема кај децата

Доживувањето на телесната шема е комплексен процес, кој започнува уште во пренаталниот период.

 

По раѓањето, детето преку своите сетилни органи, почнува да прима надворешни дразби, а потоа и реагира на истите. На тој начин кај детето се поттикнува развојот на неговите моторни способности. На пример, преку видот, тоа може да ја види омилената играчка, а со тоа на мозокот му се дава наредба дека е потребно да се придвижи раката за да ја земе играчката. На тој начин детето го координира визуелниот стимул, со моторното планирање.

 

Со текот на времето, детето сознава дека раката му служи да дофати нешто, дека со нозете се движи, дека движењата кои ги прави се координирани и така се адаптира на средината преку движења, сензорно-моторните искуства, играта, социјалната интеракција, емоционалната реакција, исто создава слика за себе, за своето тело, за постоењето на неговото тело во просторот, за односите во тој простор, развива и латерализација. Ова е важен дел од развојот на телесната шема, затоа што преку неа се развива способноста кај детето успешно да се снаоѓа и да се движи во средината. Некои деца почнуваат да создаваат слика за себе, после првата година од животот, но оваа способност се подобрува после втората година.

 

Најпрво, детето на возраст од околу 15-18 месеци може да се препознае на огледало. Веќе на 2 годишна возраст детето е способно да покаже 11 делови на своето тело. Прво детето ги осознава деловите од телото кои може да ги види или му служат за нешто. Такви се, око, уста, нос, уво, коса, врат, рака, нога, заби.

 

На 3 годишна возраст, детето запознава повеќе делови на себе, но почнува да се јавува и идентификацијата по пол. Разликува момче од девојче и наоѓа разлики помеѓу двата пола.

 

Како што созреваат моторичките движења на детето веќе на 4 годишна возраст започнува да го осознава своето тело во просторот, а потоа и да ги воочува односите во просторот.

 

На 5 годишна возраст, детето може да каже каде се наоѓа неговото срце и разликува голем број на надворешни делови од неговото тело, и знае која е нивната функција. Станува свесно и за своите внатрешни делови, а оваа свесност се усовршува кога кај детето ќе започнат да се развиваат логичките способности, на возраст помеѓу 6 и 11 години.

 

Веќе на 12 годишна возраст детето има целосна претстава за своето тело, ги знае сите делови на телото, лесно се движи и се снаоѓа во просторот, има развиено доминантна страна на телото, има добра латерализација на себе и на другите, ја знае функцијата на секој од надворешните делови, како и на внатрешните делови на телото.